СИРИЈА

Орбан: Промиграциските сили сакаат да го тргнат Ердоган

08.11.2019 13:36

Унгарија ги поддржува операциите на Турција во Северна Сирија со кои се спречува нов мигрантски бран кон Европа.

Турските и руските сили во трета патрола. Американските специјалци заминуваат, на нивно место мобилизирани пешадијци кои ги штитат нафтените полиња.

„Промиграциските сили сакаат да го отстранат турскиот претседател“, предупреди унгарскиот премиер Виктор Орбан по средбата со лидерот на Турција Реџеп Тајип Ердоган во Будимпешта.  Европа е во голема неизвесност поради заканите од Анкара за пуштање на нов мигрантски бран кон Стариот континент од кого очекува да преземе дел од финансискиот товар за да се спаси од уште еден масовен карван од Блискиот исток.

ВИКТОР ОРБАН • ПРЕМИЕР НА УНГАРИЈА

Ја почитуваме акцијата на Турција за спречување на бранот од 350 илјади илегални мигранти кон ЕУ годинава. Да не го стореше тоа, сите тие ќе стигнеа на унгарската јужна граница.

РЕЏЕП ТАЈИП ЕРДОГАН • ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ТУРЦИЈА

Сакаме да создадеме сигурна зона и да ја насочиме оваа маса луѓе кон нивната родна земја. Унгарија има став којшто им дава ефикасна поддршка на нашите активности против тероризмот.

Турските и руските трупи веќе ја почнаа третата заедничка патрола на границата со Сирија во рамките на Договорот од Сочи. Американската армија се обидува да го оправда преостанатото воено присуство во регионот,  тврдејќи дека е исклучиво поради заштитата на нафтените полиња.

 

ЏОНАТАН ХОФМАН • ПОРТПАРОЛ НА ПЕНТАГОН

Претседателот Трамп е главен командант и има овластување за такви операции за да го порази тероризмот. Дел од тие напори за отстранување и спречување на Исламска држава од преземање на контролата на нафтените полиња е обид и да се спречи тие да добијат приход со кој би си ги финансирале терористичките операции на глобално ниво.

Претседателот Доналд Трамп ги повлече специјалните единици од фронтот. На нивно место се распоредуваат пешадијци, вклучувајќи и војници на Националната гарда коишто ќе им помагаат сириските сили за одбрана.