29- та Европска Конференција за Алцхајмерова болест
Здружението за Алцхајмерова болест- Македонија со свои претставници на Конференцијата

Здружението за Алцхајмерова болест- Македонија во текот на целата година реализира активности за подигнување на свеста за предизвиците на луѓето со деменција и Алцхајмерова болест. Превентивно -едукативни предавања, постојани предавања на факултетот “Трето доба”, издавање публикации, посета на домови за стари лица и учество на Светските Конференции, се само дел од заложбите за превенција и одложување на симптомите карактеристични за оваа болест. Од 23 до 25 октомври во Хаг се одржа 29 тата Европска Конференција за Алцхајмер, на која учествуваа и претставници од Националното здружение.
“Учеството на 29- тата Европска Конференција за Алцхајмер беше одлична можност за воспоставување нови контакти и разменување искуства и знаења со цел подобрување на квалитетот на животот на лицата со деменција и Алцхајмер во нашата земја. Бевме дел од неколку предавања и трибини, остваривме средби со еминентни имиња од европските центри за нега на лицата со Алцхајмер и со задоволство им ги пренесовме нашите искуства и достигнувања. По сето ова можевме да заклучиме дека сите ние што работиме на оваа проблематика , имаме направено многу за овие пациенти, но можеме да направиме уште повеќе.Сеќавањата се наша привилегија и затоа треба поактивно да се вклучиме во помошта на оние кои ги губат сеќавањата и способноста за помнење”, истакна д-р Драган Илијевски- Претседател на Здружението за Алцхајмерова болест- Македонија
Алцхајмеровата болест и после многу години од поставувањето на првата дијагноза за неа е недоволно познато и истражено поле за современата медицина. Условите за работа во европските центри за нега и грижа за пациентите со Алцхајмер се на многу повисоко ниво ,но сепак и кај нас се прават интензивни напори за соодветна здравствена заштита и поддршка на овие пациенти и на нивните семејства.
Јасмина Никова
