ИЗЛОЖБА

85 години планинарско-скијачки дом на Попова Шапка

11.11.2019 10:39

Планинарски клуб „Љуботен“ ве поканува на изложбата „85 години Попова Шапка". Настанот ја одбележува 85-годишнината од отворањето на првиот планинарско-скијачки дом на Попова Шапка.

...„11.11.1934 година е датум запишан во историјата кога започнува приказната за Попова Шапка. Голем број на ентузијасти, визионери, пионери на овие спортови кај нас, ја трасираат патеката по која ние денес одиме. Да се градат објекти на Шара, без пат, без превозни средства какви што денес имаме, без финансиски средства, во едно разбрането општествено уредување, помеѓу две светски војни...тешко, но сепак некој го трасираше тој пат. Развојот на Попова Шапка низ годините како скијачки, спортски и туристички центар, едноставно ја покажува вољата на населението и стремењето кон европските вредности со почитување на традиционалните вредности. Брзината на развојот на центарот во триесетите педесетите и осумдесетите е реална слика за чекорите кои Попова Шапка ги прави а се само едно скалило зад европските центри.“ , изјави Јован Божиноски, претседател на најстариот планинарски клуб во нашата земја „Љуботен“ – Тетово.

Изложбата  е составена од три поставки:

1. Пано на кое хронолошки ќе биде претставен развојот на Попова Шапка низ фотографии, текстови и оргинални материјали од тие периоди.

2. Пано на кое хронолошки ќе бидат претставени рекламните брошури и флаери за Попова Шапка.

3. Поставка со оргинални скии и планинарска опрема низ годините.

Отворањето на изложбата е денеска, во големата сала на ДМУ „Тодор Скалоски – Тетоец“ со почеток од 19:30.

 

Анита Никушева - Јованчев