Објавен „Реторичкиот речник“ на Трајко Огненовски
„Реторичкиот речник“ е во обем од над 4.000 единици и може да се смета за капитален проект за македонскиот јазик и за македонската лексикографија. Го зафаќа стандардниот македонски јазик, македонските дијалекти, македонската фразеологија и лексиката, третирани од реторички, комуникациски и лингвистички аспект.

„Македоника литера“, го објави лексикографскиот труд на проф. д-р Трајко Огненовски „Реторички речник на поими и дефиниции“, кој претставува прв ваков лексикографски труд за македонскиот јазик.
„Реторичкиот речник“ е во обем од над 4.000 единици и може да се смета за капитален проект за македонскиот јазик и за македонската лексикографија. Го зафаќа стандардниот македонски јазик, македонските дијалекти, македонската фразеологија и лексиката, третирани од реторички, комуникациски и лингвистички аспект.
Лексиконот навлегува во реторичката сфера на македонскиот јазик со цел да им помогне на корисниците за запознавање, покрај другото, и со општите и посебните реторички особености на македонскиот јазик, како и со улогата на самиот јазик во ораторството.
Меѓу поглавните грижи на составувачот му беа дефинициите што ги следат поимите и термините да бидат јасни, информативни и лесно разбирливи и врз примерите за нив да се употребуваат во секојдневната комуникација. При објаснувањето на термините водена е грижа да се опфати нивната вистинска и објективна важност и значење, поради што се користени бројни лингвистички трудови, учебници, лексикони, речници од домашна и странска литература.
Трајко Огненовски е пензиониран универзитетски професор. Докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје. По дипломирањето и магистрирањето бил избран за научен секретар во Друштвото за наука и уметност – Битола, а во 1995 година бил избран за доцент за македонски јазик и култура на говорот при Педагошкиот факултет – Битола, каде се пензионирал во 2004 година., здобивајќи се со сите наставно-научни звања.
Автор е на 14 самостојни научни трудови од повеќе области и на близу 300 трудови во списанија и зборници на одржани научни средби.
