Победа на социјалистите во Шпанија
На вонредните парламентарни избори во Шпанија победа за социјалистите на Педро Санчез. Немаат доволно мандати за самостојно да формираат влада. Изборите му донесоа голем успех на екстремно десничарскиот Вокс. Продолжуваат политичките превирања...

Шпанското министерство за внатрешни работи соопшти дека по речиси 99 насто преброени гласови социјалистите победиле на вонредните парламентарни избори во Шпанија. Социјалистите на премиерот Санчез освоија околу 122 места во Долниот дом на Парламентот.
„Социјалистичката партија по третпат победи годинава. Нашата цел е да формираме влада која ќе создаде политики во корист на поголемиот дел од шпанскиот народ. За таа цел ги повикувам сите политички партии кои мора да земат одговорност за одблокирање на политичката ситуација во земјава“, изјави Педро Санчез, премиер на Шпанија.
Конзервативната опозициска Народна партија освои 87 пратенички мандати, додека десничарската партија Вокс го зазеде третото место со освоени 52 места, што е за 23 повеќе отколку на изборите одржани на 28 април.
„Сакам да му ја кажам вистината на шпанскиот народ бидејќи сакам да можам да ги погледнам во очи. Имавме навистина лош резултат, без изговор“, изјави Алберт Ривера, лидер на Граѓанската партија.
„Успеавме да направиме политички и културни промени бидејќи ги отворивме сите забранети политички дебати“, вели Сантијаго Абаскал, лидер на партијата Вокс.
„Овие избори не зајакнаа за да го имаме едно од најмоќните десно ориентирани крила во Европа“, изјави Пабло Иглесијас, Унидас Поддемос.
Излезноста на изборите беше околу 70 насто. Ниту една партија нема доволно пратеници за формирање владејачко мнозинство.
Во меѓувреме на барање на групата „Демократско цунами“ демонстрантите во Каталонија го блокираа автопатот што го поврзува регионот со Франција. Во соопштение организацијата наведе дека протестите преставуваат повик за меѓународната заедница да ја принуди шпанската држава да сфати дека единствениот начин за решавање на кризата е преку разговори.
Марина Ристова
