Франција со поддршка на „малиот Шенген“
Франција ќе го ратификува протоколот за членство во НАТО до крајот на годинава- уверува францускиот амбасадор. За „малиот Шенген“, Тимоние оценува- соработката на евроинтегративниот пат на земјите од Западен Балкан е добредојдена...
Процесот на ратификација на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО е во тек и без проблеми, треба да се ратификува во Франција до крајот на годината, рече францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние.
Протоколот за нашето членство во НАТО, освен Франција, претстои да го ратификуваат уште и Холандија и Шпанија.
Во однос на „малиот Шенген“, што е инцијатива на лидерите на Западен Балкан, Тимоние изјави- „секоја соработка во овој регион е добредојдена“.
„Секако тоа беше и пораката на претседателот Емануел Макрон што ја даде во Софија дека секоја соработка во овој регион меѓу земјите од Западен Балкан е добредојдена, бидејќи како што гледате и денеска соработката до што не донесе, дека тоа само има позитивни плодови, и Франција го поддржува таквиот вид на соработка“, рече амбасадорот Тимоние.
Германскиот амбасадор во земјава Томас Герберих истакна дека заедничката цел на Германија и Франција е да ѝ помогнат на нашата држава во евроинтегративниот пат, и порача дека засегнатите страни треба да бидат подготвени на компромиси.
„Се усогласуваме во однос на политиката кон Западен Балкан, целта е заедничка а тоа е наскоро да овозможиме започнување на пристапните преговори“, изјави амбасадорот Герберих.
На Француските воени гробишта во Скопје, амбасадите на Франција и Германија одржаа комеморација по повод Денот на примирјето од Првата светска војна и Денот на народна жалост.
Марина Стојанова- Тонева
