Путин: Ако Русија примени воена сила, ќе ги употреби сите средства
Преземањето на контролата на Полуостровот го извеле проруските сили за самоодбрана, а не руската војска...

Русија за сега не е во војна со Украина. Москва не планира да го припои Крим. Преземањето на контролата на Полуостровот го извеле проруските сили за самоодбрана, а не руската војска. Но ако Русија примени воена сила, ќе го направи тоа сите средства. Тоа ќе биде последното прибежиште и хуманитарна мисија, за заштита на народот, рече претседателот Путин во обраќањето до јавноста.
„Ако одлучиме да примениме воена сила, тоа ќе биде легитимно и согласно со меѓународните закони, бидејќи тоа го побара легитимниот претседател“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Путин рече дека во Украина се случил неуставен државен удар, иако Јанукович ги исполнил сите услови од договорот со опозицијата. Самиот му предочил дека „нема политичка иднина“, но дека Русија му го спаси животот. Рускиот претседател го обвини Западот за двојни стандарди и испраќање инструктори да го подготват државниот удар.
„Граѓаните на одредена територија смеат самите да си ја определат иднината. Ако тоа им беше дозволено на Косово и на други места на светот, тогаш самоопределбата, како што ја определуваат Обединетите нации, се уште постои, но ние не притискаме никого на таква одлука и не поттикнуваме такви чувства“, рече Путин.
Путин ја охрабри Украина да преземе економски реформи со помош на ММФ, но енергетскиот гигант Газпром најави дека наредниот месец ќе го укине попустот на цената на гасот за Украина.
Американскиот претседател Обама претходно и се закани на Москва со економски и други санкции, на што Путин возврати и најави реципрочни мерки. Како што рече, штета ќе претрпи и Западот. Русија ќе го исклучи доларот од трговската размена со светот ако се воведат економски санкции.Рускиот претседател исто така рече дека не гледа пречки Тимошенко да ја посети Русија, но потсети дека таа нема функција во Украина.
Ивана Салтировска
