Здравство

Филипче: Здравствената администрација не доби покачување бидејќи не може да се оддели од јавната

12.11.2019 12:54

Здравстената администрација не може да оддели од јавната, затоа не е опфатена со најавеното покачување на платите- ова е објаснувањето на министерот Филипче по вчерашните реакции на независниот синдикат и најавите за протест. Со буџетот за следната година најмногу пари во здравството се одделени за плати на вработените...

Здравствената администрација не може да се оддели од јавната, затоа не се опфатени со најавеното покачување на платите, вели министерот за здравство Филипче по реакциите на независниот синдикат и најавите за протест ако не се реши нивното барање. Станува збор за болничарите, хигиеничарите, возачите на брзата помош, чуварите. Филипче уверува дека ќе следат разговори и ќе се бара решение.

„Ќе следат разговори не само во рамките на нашиот сектор туку и со претставници на министерството за администрација и информатичко општество да видиме дали можеме да најдеме решение со оглед на тоа дека овие административци навистина имаат една посебна и специфична работа работејќи во ЈЗУ. Така да ќе бидам во комуникација со нив и претставниците на министерсвото и се надевам дека ќе најдеме соодветно решение“, изјави министерот Филипче.

Со зголемувањето на платите за 25 посто повеќе пари ќе добијат специјалистите, а медицинските сестри ќе имаат поголема плата за 10 насто.

Министерот е задоволен од зголемувањето на здравствениот буџет. Во него е предвидено повеќе од 30 милиони евра да бидат наменети за плати и дежурства. Пари ќе има за нова опрема и инфраструктура во јавните установи.

Филипче очекува пред распишувањето на изборите ќе се знае дали германска или француска компанија ќе го гради новиот клинички центар, паралелно се разговара и со финасиерот на овој капитален проект.

 

Андријана Атанасовска