25 години успешна работа на Драмската група „Дон Кихот“ од Гевгелија
Драмската група „Дон Кихот“ е формирана во далечната 1995 година, од страна на професорката по македонски јазик и литература Даниела Џишевa...

Со организирање на голем број театарски претстави, учество во многу културни манифестации, поетско-музички вечери и промоции на книги, 25 години наназад активно и успешно работи Драмската група „Дон Кихот“ од Гевгелија. Членуваат ученици, млади и повозрасни членови-аматери, за кои заеднички е ентузијазмот и љубовта кон театарот, восхитеноста од создавањето ликови.Тие во еден глас потврдуваат дека поставувањето драмска претстава за нив е доживување. Учествувајќи во драмската секција тие имаат можност да ги продлабочат своите знаења од драмската уметност, да се оспособат за критичко размислување и анализирање, да ги развијат своите лидерски способности и да се подготват за тимска работа. Драмската група „Дон Кихот“ е формирана во далечната 1995 година, од страна на професорката по македонски јазик и литература Даниела Џишевa.
“Обично се вели дека драмската уметност не се мери со статистика, туку се вреднува со аплаузите на публиката, со солзите и насмевките на оние за кои актерите живеат и глумат на сцена. Ако е така, тогаш со право може да се каже дека драмската група „Дон Кихот“, сите овие години, успешно ја толкува својата театарска ролја.Сите наши членови кога се на сцена се свои на своето. По кој знае кој пат ги обновуваат времето и просторот, ја решаваат мистеријата на боговите. Помеѓу сето тоа, од реплика до реплика, од драма до драма има многу дружење, забава, шегување, смеа. Претставите се подготвуваат со необјаснива жар и безрезервна посветеност на учениците“, истакна режисерот и организатор на групата- Даниела Џишева.
Покрај неа, за успешноста на досега одиграните претстави се заслужни и Катица Џишева-Дупарова и Тони Аврамов, кои исто така режираат претстави. За нивниот заеднички успех говорат и многубројните награди и признанија, од кои би ги издвоиле- наградата за постигнувања во областа на театарската уметност по повод 7- ми Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија и минатогодишната награда на на фестивалот „Утринска ѕвезда“,за претставата „На здравје“.Претставата на гевгеличани беше прогласена за најдобро и најкомплетно остварување на фестивалот што работи и дејствува под заштита на УНЕСКО и има голем број настани од областа на културата и спортот и учесници од многу европски земји.
Јасмина Никова
