Пендаровски: Нашата земја нема алтернатива освен ЕУ
На Парискиот самит учествува и претседателот Пендаровски. На маргините, средби со високи државници. Во фокусот, разговорите со претседателот Макрон. Пендаровски директно ги слушна ставовите за проширувањето на унијата и за новата методологија на преговарање. Ја пренесе пораката дека нашата земја нема друга алтернатива освен ЕУ...
Македонскиот претседател, Стево Пендаровски во Париз на средба со колегата Емануел Макрон, прва по француското вето од самитот во Брисел, на кој земјава не доби датум за почеток на преговори. Состанокот се одржа на маргините на Парискиот мировен форум.
Со претседателот Макрон имавме отворен и динамичен разговор, ги расчистивме работите дека за Северна Македонија нема друга алтернатива, освен полноправно членство во Европската унија, истакна шефот на државата Пендаровски по разговорот со францускиот колега. Макрон му потврдил дека доаѓа во посета на нашата држава во првите шест меседи од идната година.
„Му реков дека ние не би се согласиле со никаква алтернатива на полнопарвно членство. Тоа може да трае години и години, меѓутоа ние не прифаќаме друга алтернатива во облик на Европска економска зона, Соседи на ЕУ. Ми рече прецизно- никогаш не била неговата намера да ни даде алтернатива на полноправно членство. Сакам само да го подобрам процесот, да не продуцира бирократски успеси, а суштински неуспеси кај земјите кандидати“, изјави претседателот Пендаровски.
Францускиот претседател Макрон на Пендаровски му објаснил дека новата методологија за процесот на проширување што ја предлага Париз, веќе циркулира како нон- пејпер документ во институциите во Брисел. Напишан е на неколку страни, со генерални начела и без детали, а допрва ќе треба да се разработи, по што сите земји- членки во следните месеци ќе треба да се изјаснат. Според Макрон, новата ревидирана методологија би се донела најдоцна во март, по што на следниот самит во Загреб во мај ќе има одлука. Пендаровски вели, поддржуваме реверзибилност на процесот на преговори, со повторно отворање на веќе затворено поглавје ако има назадување, бидејќи реформите ги правиме за нашите граѓани.
„Сите опции се отворени, со тоа што претседателот Макрон на средбата децидно кажа, бидејќи има секакви шпекулации, дека одложувањето е затоа што нам ни треба повеќе време. Рече дека негова стара заложба е да има продлабочување на Унијата и подобрување на методолигјата. Продлабочување на оние кои се веќе внатре, а методологија за оние што сакаат да станат нови членки“, нагласи претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски на Парискиот мировен форум одржа предавање, насловено „Од Охрид до Преспа, регионалната стабилноста во Западен Балкан“, а имаше и повеќе билатерални средби: со заменик- претседателот на Кина, Ванг Кишан, австриската канцеларка Бирлајн, рускиот шеф на дипломатијата Лавров, државниот секретар на Ватикан, Галагер и Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.
На форумот има над 30 шефови на држави и влади, меѓу кои и македонскиот претседател Пендаровски.
Мартин Пушевски, специјален известувач од Париз за МРТ
