Повисоки плати и пензии со буџетот за наредната година
Владата наредната година планира да потроши 3,9 милијарди евра. Се предлага растот на економијата наредната година да изнесува 3,8 насто, а буџетскиот дефицит да биде 2,3 проценти. Се планира раст на бруто инвестициите, ниска инфлација, стабилни цени...
Повисоки плати и пензии, субвенции за земјоделство, за рурален развој, пари за борба против загадувањето на воздухот ќе има со буџетот за следната година. Владата ги претстави проекциите за државната каса – приходите се планирани на 3,6 милијарди евра, расходите на 3,9 милијарди евра, дефицитот на 2,3 проценти.
Поддршка на човечкиот капитал, раст на стандардот на граѓаните е тежиштето на нашите економски политики, изјави премиерот Заев. Вели, вложуваме во секторите кои обезбедуваат услуги за граѓаните. Платите во здравството ќе се зголемат од 10 до 25 проценти, во образованието за 10 насто, а пензиите ќе пораснат за 850- 900 денари.
Во буџетот за 2020-та се предвиени 1,5 милијарди денари за капитални инвестиции во здравството и 1,4 милијарди денари за образованието. 7,3 милијарди денари се планираат за субвенции во земјоделството. 10 милијарди денари ќе добие Министерството за одбрана. Буџетот е реален, вели министерката за финансии Ангеловска. Се предвидува раст од 3,8 насто кој ќе се базира на приватната потрошувачка, извозот и инвестициите.
Од Владата велат - задолжувањата единствено ќе бидат за капитални инвестиции и за враќање на стари долгови. Предлог- буџетот за наредната година ќе биде доставен до Собранието.
Сунчица Николоска
