Одлив на мозоци

Државата губи 45 илјади евра годишно со иселување на секој млад човек

12.11.2019 15:49

Загуба од 45 илјади евра, тоа е цената што ја чини државата иселувањето на секој млад човек. Во организација на Мрежата за спречување на одлив на мозоци се организира јавна панел дискусија на тема „Повратна, или карта во еден правец? Како земјата се справува со одливот на мозоци?“...

Млад човек со завршено високо образование на Скопски аеродром кој најверојатно ќе замине за Германија, Австрија или Швајцарија. Во себе има два куфера, во едниот има 29 илјади евра, тоа се пари кои државата, самиот и неговите родители ги вложиле да дипломира. Во вториот куфер се 16 илјади евра, идниот придонес кон бруто домашниот производ годишно кога би останал во земјава. Ова се наодите до кои дојдоа Вестминстер фондацијата за демократија со поддршка на Британската амбасада. Иселувањето само по себе не е негативно, позитивни се миграциите кога граѓаните се стекнуваат со дополнителни средства или со знаење и ги инвестираат дома.

Граѓанските организации сметаат дека треба да се почитуваат веќе постојните документи бидејќи постои стратегија за вмрежување и соработка со високообразовни кадри за периодот 2013-2020 година, но за неа има изработено само еден акциски план за 2014-та.

Министерството за образование презема мерки за посоодветен образовен систем, за реформирање на наставните програми на средното стручно образование. Позитивната миграција се однесува и за стипендиите во странство.

Според некои истражувања економскиот фактор е најголемиот двигател за иселување на млади, но не е единствен. Државите обично немаат прецизна статистика за бројот на иселените, но и за нивниот профил. Во просек, според Вестминстер фондацијата за демократија околу 9 илјади луѓе заминуваат од државата во странство годишно.

Ана Јосифоска- Тодоровска