„Панта реи“ на Бојан Ковски во „Акантус“
Ковски е млад уметник, на кого уметничката сцена допрва му се отвора. Со страст се посветува на овој циклус масла на платно каде искрено им се предава, а пред нас се „разголува“...

На 14-ти ноември во галеријата „Акантус“, ќе биде отворена изложбата „Панта реи“ на ликовниот уметник Бојан Ковски. Ковски е млад уметник, на кого уметничката сцена допрва му се отвора.
Со страст се посветува на овој циклус масла на платно каде искрено им се предава, а пред нас се „разголува“. Долготрајниот процес на создавање на делата, од поставување, сликање, до градење на пастата која до тридимензионална форма излегува од рамките на класичниот процес на сликарството, не воведува во неговата посебност на записот.
Техниката на работа, неговото сликарство е дел од неговиот карактер кој во својата смиреност нуди извесен шок што ве вовлекува, со делото да се соживеете или да се обидете да го појмите, и, воспоставите контакт.
Сензуалноста, може да се почувствува особено во извитканите тела, нивната карикирана поставеност, и со тоа сугерира натчовечкa флексибилност и задоволство во посебноста.
Несовршеноста во анатомијата е намерен сугестивен ракопис кој сокрива и открива органски форми. Изложбата ќе биде отворена до 7-ми декември.
