Боливија

Жанин Анес и официјално наследник на Моралес

13.11.2019 12:47

Таа се прогласи за преоден претседател и покрај недостигот од кворум за нејзин избор, откако сенаторите на левичарската партија на поранешниот претседател Ево Моралес го бојкотираа гласањето.

Уставниот суд го призна решението опозициската сенаторка Жанин Анес да ја преземе функцијата привремен претседател на Боливија. Таа се прогласи за преоден претседател и покрај недостигот од кворум за нејзин избор, откако сенаторите на левичарската партија на поранешниот претседател Ево Моралес го бојкотираа гласањето.

„Сакам да му се заблагодарам на боливискиот народ. Ќе работам за вас бидејќи народот заслужува да живее во мир и никогаш повеќе да не му се украде гласот“, рече Жанин Анес, лидер на опозицијата и самопрогласена претседателка на Боливија.

По прогласувањето за претседател на Анес, на улиците на престолнината Ла Паз избија судири. Лутите приврзаници на Моралес се обидуваа да дојдат до зградата на конгресот барајќи од Анес да поднесе оставка.

„Во прашање е нашата држава. И не е решението во тоа ако сме поделени и ако се караме едни со други.“

„Ниту една влада или политичка партија не треба да остане на власт подолго отколку што е наведено во уставот.“

Моралес, кој сакаше да ја трансформира Боливија, како прв автохтон домородечки претседател, замина за Мексико каде што му беше одобрен азил, додека илјадници негови приврзаници на улиците на боливиската престолнина бараа негово враќање во земјата.

Моралес поднесе оставка под притисок на антивладините протести заради обвинувањата за измама на претседателските избори од 20 октомври. Истакна дека нема да се отркаже од политичката борба.

Неговиот пад беше резултат на инсистирањето да остане на власт. Се кандидираше по четврти пат откако одби да ги прифати резултатите од референдумот на кој беше поддржано ограничувањето на мандатот за претседател.

Марина Ристова