Просечната пензија во 2020-та ќе изнесува 15.500 денари
Пензиите растат согласно со растот на економијата. Со најавеното зголемување од 700 денари, во почетокот од идната година, просечната пензија ќе изнесува 15.500 денари, најави министерката за труд и социјална политика Царовска. Потенцира дека откако СДСМ е на власт зголемувањето изнесува илјада 746 денари, најголемо во последните 12 години. Од Сојузот на здруженија на пензионерите ја поздравија одлуката...
Просечната пензија во 2020-та година ќе изнесува 15.500 денари. Министерката за труд и социјална политика Царовска најави дека секој пензионер ќе добие по 700 до 730 денари. Тврди дека ова зголемување не е некое ад-хок решение кое што нема други економски показатели дека пензиите треба да растат.
Последните промени во законската регулатива имаат позитивно влијание на работата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, рече директорот. Приходите во Фондот имаат пораст за 10 проценти.
Станка Трајкова, претседател на Сојузот на здруженија на пензионери вели дека тие го барале ова покачување поради зголемувањето на просечната плата и минималната плата, заради одржување на вредноста на пензиите. 62,2 отсто од пензионерите имаат минимални или пензии до висина на просечната плата.
Царовска рече дека со ова зголемување на пензиите нема да се отвори можност за дупка во пензискиот систем, бидејќи во вкупната сума која е зголемена во најголем дел учествува мерката за субвенционирање на придонес за зголемување на плати во приватниот сектор. „Овие пари за субвенционирање стигнуваат во Фондот, затоа што сме решиле законски да ги поддржиме компаниите да исплатат повисоки плати“, рече Царовска.
Ана Јосифоска- Тодоровска
