Економија

Самит Македонија 2025: Во фокусот работните места и аерозагадувањето

13.11.2019 15:29

Иднината на работните места и подобрување на вештините, искуствата и проектите за намалување на аерозагадувањето во фокусот на годинашниот Самит Македонија 2025. Ќе дебатираат над шеесетина панелисти, успешни менаџери од дијаспората и експерти претприемачи...

На државава ѝ е потребен раст на БДП од пет до шест проценти за да ја подобри економската состојба, но мора да постои ментален склоп и во политиката за да се поддржи развојот, оценува Мајк Зафировски. За еден од коосновачите на Македонија 2025 неопходни се стабилна политичка клима и справување со корупцијата за се повеќе инвеститори да вложуваат вклучително и тие од дијаспората. Успешните од дијаспората велат- Недобивањето датум за преговори треба да биде поттик за реформи, а влегувањето во НАТО, чекор за стабилност и на инвестиците. Со став дека напредок во менаџирањето на бизнисите има, успешните од дијаспората сугерираат- мора да се зајакнат фирмите на локално ниво.

„БДП годинава ќе расте 3,7 проценти, подбро од минатата година кога беше 2,9 проценти и подобра од таа претходно од 1,1 процент, меѓутоа тоа не е доволно. За нашата економија да расте како што треба потребен е раст од пет до шест проценти. Мислам дека двете главни политички партии ќе се согласат со ова, но сметам дека мора да постои ментален склоп кој ќе го поддржува ова. Многу е важно и јакнењето на домашните бизниси кои треба да бидат присутни и на меѓународните пазари, како и финансиската поддршка за нивен развој. Како горд Македонец, секогаш треба да размислуваме на работите кои се поврзани со одлуката на ЕУ да не почне преговори, а една од главните работи за кои треба да размислиме е секако корупцијата“, изјави Мајк Зафировски, основач на „Македонија 2025“.

За деловното опкружување, инвестициите, иновациите, како да се намали аерозагадувањето кое ги повлекува и миграциите, на десетина панели ќе дебатираат над шеесетина говорници во рамките на Самитот Македонија 2025. А во фокусот ќе ги стават и евроинтеграциите, иницијативата за Мал Шенген, пораките и размислувањата на успешните за подобар животен стандард.

 „Сметаме дека доколку земјата ги фокусира своите напори за напредок во овие области ќе стасаме таму каде што посакуваме, а тоа е подобрување на нашиот животен стандард со тој во Европската унија. БДП по глава на жител кај нас е 37 проценти од просекот во ЕУ. Сакаме да напреднеме тука. Тоа е она што ќе донесе просперитет и ќе влијае за намалување на имиграцијата и одливот на мозоци“, вели Никица Мојсовска Блажевски, извршен директор на Македонија 2025.

Според одредени статистики 600 илјади лица се иселени од земјава, меѓу нив и врвни професионалци кои може да и помагаат. Преку платформа за тет- а- тет средби Македонија 2025 ќе ги поврзува домашните бизнисмени со фирми од дијаспората.

Сузана Фиданска- Стоевска