Бизнис

Над 400 учесници на самитот Македонија 2025

14.11.2019 11:12

Над 400 експерти од областа на бизнисот, економијата, претприемништвото се дел од самитот Македонија 2025. Во фокусот работните вештини и иновациите што можат да помогнат во намалување на загадувањето...

Над 400 домашни, регионални и странски експерти од областа на бизнисот се дел од самитот Македонија 2025 што се оддржува по осми пат. Во фокусот работните вештини и иновациите што можат да помогнат во намалување на загадувањето.

Раководството на Македонија 2025 упати пораки за соработка и партнерство за постигнување подобар животен стандард, што сметаат дека е клучно за државата. Ќе работат на промовирање платформи и програми за поддршка на младите, размена на искуства за лидерство.

„Преку оваа иницијатива, држете ги живи контактите, да инвестирате во нашите граѓани, посебно во младите. Оние на кои им е најмногу потребно да разберат дека и овде дома се може. Низ серијата политики кои ги креираме, треба да испратиме заедничка порака дека ние сме подготвени да бидеме економски хаб центар во овој дел од Европскиот континент“, порача премиерот Заев во својот говор.

Шефот на државата Стево Пендаровски порача дека за создавање модерна и просперитетна држава со млади кои ќе бидат задоволни во неа и со постојан економски развој е потребна соработка на политиката и бизнисот и градење политики според потребите на економијата.

„Без владеење на правото, доверба во институциите и нивно непристрасно и професионално функционирање нема подобрување на бизнис климата. Свесен сум дека оваа фраза ја повторуваме и дека на бизнисот и граѓаните им е доста од чекање. Но, навистина верувам дека по сите искушенија конечно е криерана позитивна атмосфера кај клучните чинители и во власта и кај опозицијата земјата да истрае во намерите и развојот на економијата да стане наш апсолутен приоритет“, рече Пендаровски.

Според американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнс, бизнисот и граѓанското општество кај нас покажуваат неверојатна посветеност на содавање услови за добра иднина во државата, заснована на владеење на правото и воспоставување бизнис клима која ќе привлече нови инвестиции.

Подобрувањето на владеењето на правото, постојаната борба против корупцијата и иницијативите од типот на тие што ги промовира организацијата Македонија 2025 можат да ја подобрат состојбата.