Марш за толеранција

16 ноември- меѓународен ден на толеранција

14.11.2019 12:13

Маршот за толеранција ќе се одржи на 16 ноември напладне, а ќе тргне од пред Музејот на Град Скопје.

Образованието и младите ќе бидат во фокусот на годинашното одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата. Маршот за толеранција  ќе се одржи на 16 ноември напладне, а ќе тргне од пред Музејот на Град Скопје.

„На 16-ти ноември ќе побараме вистински да се активира декларираната политичка волја за квалитетно и сеопфатно образование. Ќе апелираме за темелни промени во образовниот процес и содржини кои ќе соодветствуваат со времето во кое живееме и со реалните потреби на младите луѓе. Ќе ги повториме многупати изречените пораки за прочистување на наставните материјали од содржини кои дискриминираат и ја оправдуваат нетолеранцијата помеѓу различните групи и поединци. Ќе побараме континуирана надградба на наставниот кадар. Ќе порачаме дека образованието не смее да биде терен за предизвикување на омраза, поделби и насилство. Ќе побараме суштински пресврт во образовните политики, кој ќе ги зајакне и научи младите како да се справуваат со животните предизвици – но,  на  хуман, толерантен и ненасилен начин, со штитење на личното и туѓото достоинство и живот“, најавуваат организаторите.

Повикуваат сите да се придружат на Маршот за толеранција 2019 и да побараат промени.Како организатори на маршот се наведени Хелсиншки комитет за човекови права, МОФ, ХЕРА, Коалиција Маргини, Национален Ромски центар, Реактор, Национален совет за родова рамноправност (СОЖМ).

Анита  Никушева-Јованчев