Австриските инвеститори очекуваат подобрување на економијата годинава

04.03.2014 17:00

Австриските инвестиции се забележани во енергетскиот сектор, во телекомуникациите, во банкарскиот и финансискиот сектор и во областа на градежништвото...

Австрија е втор најголем инвеститор според директните странски инвестиции во Македонија во последните пет години. Очекувањата на странските инвеститори  во 2014 година се подобрување на состојбата во економијата, повисок промет и нови вработувања.

„Состојбите не се онакви какви што беа во 2006 и 2007 година пред доаѓањето на кризата, но сепак соработката тече. Австриските фирми кои веќе инвестирале овде очекуваат подобрување во 2014 година. Токму овој настан што го организираме денеска е во правец на изнаоѓање на дистрибутери, промотори и фирми кои ќе бидат партнери на австриските компании кои доаѓаат во Македонија“, изјави Герхард Шлатл од Австриската амбасада во Скопје пред почетокот на бизнис форумот помеѓу македонските и австриските компании.

Австриските инвестиции се забележани во енергетскиот сектор, во телекомуникациите, во банкарскиот и финансискиот сектор и во областа на градежништвото.

Софче Јовановска од Стопанската комора рече дека на Македонија и на регионот им е потребна соработка со јака економија каква што е австриската за да се пренесат искуствата и практиките и да се приближиме до европските регулативи.

Австрија се наоѓа на 14-тото место според трговската размена. Размената во 2013-та година  изнесувала  175 милиони долари, и што е констатиран раст од 4,2 отсто во однос на изминатата година.

Интерес за соработка меѓу компаниите има во новите технологии во областа на третирањето на комунални и отпадни води, управуање со комунален отпад.

 

Дијана Ценевска