Прекршено примријето меѓу Израел и „Исламски Џихад“
Палестинските движења да го вратат мирот, а Израел да ги запре насилствата – се наведува во договорот за прекин на огнот во појасот Газа којшто иако почна изутринава беше прекршен од страната на Палестинците. Борбите се интензивираа по убиството на командантот на исламски Џихад Ал- Ата. Обединетите нации незадоволни од ненапредувањето на дијалогот...
Неизвесен прекин на огнот меѓу израелските сили и бунтовниците во Газа откако палестинските борци повторно испалија серија ракети. Дводневните жестоки борби завршија со многу жртви, пред сè цивилни. Насилствата ескалираа откако израелските сили го убија Баха Абу ал-Ата, командантот на палестинскиот Исламски џихад, кого го обвинуваа за многубројни ракетни напади од Газа и серија планирани директни гранатирања.
„Договорот ги обврзува окупаторите на услови со кои треба да престанат убиствата, со кои треба да се заштитат демонстрантите и практично да почнат процедурите за прекин на опсадата на Газа. Ова е гарантирано со присуството на отпорот и подготвеноста да се одговори на каква било агресија во иднина, а и со континуираноста на улогата на Египет на политичко ниво“, изјави Мусаб Ал Берим, портпарол на „Исламски Џихад“.
„Државата Израел во оваа битка нема да стои настрана додека безбедноста на цивилите е во ризик. Бевме јасни дека не бараме ескалација и дека не мирот ќе одговориме со мир“, рече Реувен Ривлин, претседател на Израел.
Обединетите нации се незадоволни од недостигот на напредок меѓу Израел и Палестина.
„Мора да постои директен дијалог меѓу израелската и палестинската страна. Ние постојано го кажувавме нашиот став во Советот за безбедност. Што ќе одлучи Советот зависи од него. Но постои одредено ниво на фрустрираност меѓу дипломатите“, изјави Стефан Дујарич, портпарол на Генералниот Секретар на ООН.
Израел воведе блокада откако Хамас насилно ја презеде контролата врз Газа во 2007 година од рацете на палестинските власти. Со тоа се наруши слободното движење на населението од два милиона, но и економската и трговската размена. Поради тоа, лани во март, Палестинците почнаа да организраат собири познати како „Големиот марш за враќање“ преку кои бараат крај на 12-годишната копнена и воздушна опсада.
Маја Филдишев
