Бизнис-форум

Се бара поголема соработка со Русија

14.11.2019 13:35

По пет години пауза, нов состанок на мешовитата меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Русија. Властите од двете земји со порака- компаниите да ги искористат можностите за бизнис, нашите земјоделски производи да се најдат на тамошиот пазар, русите да инвестираат во енергетиката, гасификацијата, туризмот. Размената со Русија учествува со само 1,1 насто во вкупната надворешна трговија на земјава...

По пет години пауза, нов состанок на Мешовитата меѓувладина комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка со Русија. Од Владата објаснуваат дека ова не е одговор на недобивањето датум за преговори со ЕУ, туку целта е да се искористи потенцијалот и да се засилат бизнис-врските со оваа голема земја.

„Ние сме земја, која заедно со Србија не воведе санкции кон Русија и остануваме на тој став. Веруваме дека Руската Федерација ќе го почитува тоа. Секако, сè додека не сме членка на ЕУ можеме да ги почитуваме тие ставови. За тоа имаме разговарано и со ЕУ“, изјави прмеиерот Зоран Заев.

Нашата страна се надева дека Русите ќе дозволат македонските земјоделски и прехранбени производи директно да се пласираат на тамошниот пазар, а не документацијата да оди преку Србија.

„Македонските компании ги исполнуваат фитосанитарните барања на Руската Федерација за извоз на македонски земјоделско-прехранбени производи на тамошниот пазар, а нашите надлежни органи издаваат веродостојни фитосанитарни сертификати“, изјави министерот за земјоделство Трајан Димковски.

Русите на нашиот пазар гледаат потенцијал во енергетиката, особено во делот на гасификацијата на земјава, во туризмот и земјоделството, а дополнителни можности за соработка отвора и Евроазиската унија.

Во областа на енергетиката, ние сме сигурни партнери, а освен за зголемување на увозот треба да зборуваме и за техничко-технолошкиот развој. Русија е подготвена за купување стоки и услуги од земјава, посебно од агросекторот, но сериозен потенцијал за унапредување на соработката има и во транспортот, движењето на стоки и авиосообраќајот“, изјави Алексеј Груздев, заменик-министер за индустриски и трговски развој.

Размената со Русија учествува со само 1,1 процент во трговија на земјава со странство. Состтојбата се подобрува, но потенцијалот сè уште не е искористен – констатираа двете страни на бизнис-форумот. Ние извезуваме лекови, овошје, зеленчук и тутун, а увезуваме нафта, гас, производи од црната металургија. 

Мартин Пушевски