Од 15 ноември задолжителна зимска опрема за сите возила

14.11.2019 13:49

Според законските прописи тоа подразбира автомобилите да бидат опремени со зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочината на шарата од 4 милиметри. За возилата со погон на сите тркала длабочината на шарата треба да биде 6 милиметри.

Од утре, 15 ноември, без разлика на временските услови, секое возило во Македонија мора да има зимска опрема. Според законските прописи тоа подразбира автомобилите да бидат опремени со зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочината на шарата од 4 милиметри. За возилата со погон на сите тркала длабочината на шарата треба да биде 6 милиметри.

Алтернативно можат да бидат монтирани и летни пневматици со длабочина на шарата од 4 милиметри ако во возилото се носат синџири за снег за погонските тркала или други слични помагала.

Како зимски пневматици се сметаат оние кои на својата бочна страна имаат ознака M+S и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Пневматици со клинци се забранети. Оваа обврска за зимска опрема во Македонија трае четири месеци, односно до 15 март идната година.

Казната за немање зимска опрема изнесува 45 евра или 25 негативни бода. Доколку  условите на патот не овозможуваат безбедно возење, полицијата може да го исклучи возилото од сообраќај.

Соња Стојановска