Производство на вино

Олеснувања за малите семејни винарии

15.11.2019 10:11

Нови правила во производството на вино. Се олеснува работењето на малите семејни винарии. Со последните законски измени се овозможува дополнување на јачината на алкохол во годините со неповолни климатски услови што ги намалуваат шеќерните единици кај грозјето.

Нови правила во винарството. Стапуваат на сила измените на законот кои ќе го олеснатат работењето на малите винарии и на индивидуалните производители на вино. Ќе се овозможи развој и отворање на нови мали семејни бизниси во оваа дејност кои ќе може полесно да се регистрираат и својот производ самите да го продаваат на пазарот.

Во години со исклучително лоши климатски услови Министерството за земјоделство  ќе одобрува дополнување на природната јачина на алкохолот со додавање на свежо грозје, шира и младо вино во ферментација.

Дополнувањето не може да биде повеќе од 2 проценти за одредено количество,  а ќе се врши по претходно добиеното одобрување на барање поднесено од најмалку 2/3 од винарските визби во земјава.

За исклучително лоши климатски услови ќе се смета кога во периодот од 1 април до 31 октомври во тековната година, пресметано според утврдена методологија, во просек нема доволно топлина и сончеви денови потребни за добивање на квалитетно винско грозје.

 

Методија Трајков