Судската администрација излезе на протест
Во сите судови низ државата, судската администрација денеска протестираше против одлуките на Судскиот буџетски совет, кои се однесуваат на нерамномерното зголемување на додатоците на плата и на неисплатата на платата на дел од учесниците во штрајкот од 2016-та година. И судиите го поддржаа протестот...
Штрајкот на судските службеници е последна опомена до Судскиот буџетски совет, порачаа од синдикатот на УПОЗ. Судските власти неколкупати им ги зголемиле платите на судиите, но тоа не било случај и со судската администрација, полиција и персоналот.
Вработените со едениполчасовен штрајк сакаат да ја разбудат совеста и одговорноста на судските власти да се однесуваат исто со нив како и со судиите. Вработените се надеваат дека ова ќе вроди со плод.
Штрајкот го поддржаа сите судови во земјата. Револтот не е само против одлуката на судскиот буџетски совет, со која додатоците на плата за судиите се зголемени за 10 проценти, а за судската администрација и помошно- техничкиот персонал за пет проценти, туку и за недонесувањето конечна одлука за исплата на платите за дел од вработените што учествуваа во штрајкот во 2016-та година, а за кои владата обезбедила пари, изјави претседателот на УПОЗ.
Штрајкот го поддржа и претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев. Смета дека тие заслужуваат повисоки плати односно повисоки примања, бидејќи станува збор за највредните службеници во државата, заедно со здравствените работници и со просветните работници.
Од УПОЗ бараат да имаат и свој претставник во Судскиот буџетски совет и во Советот на судска служба, како и поинаква дефиниција на позицијата на судската служба.
Фиљана Кока
