Франција

Пендаровски за „Ла Кроа“: 14 години сме во чекалната на ЕУ

15.11.2019 12:11

Во интервјуто на претседателот Стево Пендаровски за париски „Ла Кроа“ , тој потсетува дека 14 години сме во чекалната на ЕУ и предупредува од опасноста од враќањето на авторитарните режими на Балканот, што може да се спречи само со интеграцијата на регионот во ЕУ. Но, тој не добил потврда од Макрон дека ќе каже „да“ за почеток на преговорите.

На прашањето на „Ла Кроа“ - дали било предвидено одбивањето да се отворат преговорите за пристапување на земјата во Европската унија, заради опозицијата на Франција македонскиот претседател е директен во одговорот.

- Небото падна на нашите глави! Ништо не ја поддржа оваа одлука, која е истовремена многу непријатна и многу шокантна. Таа исто така беше широко критикувана, бидејќи случајот на нашата земја, Северна Македонија, беше многу јасен.

Разбирливо многумина од Македонците по оваа одлука сметаат дека Брисел се подбива со малите земји на Балканот, со тоа што испрати „не“ како награда откако ја донесовме многу тешката одлука за промена на името на нашата земја. Сега она што е многу охрабрувачко, според претседателот на државата, е тоа што Македонците остануваат 85% определени за членството во ЕУ. Но, колку долго ќе трае овој ентузијазам ако ЕУ опстојува во нејзиното одложување? Тоа е судбината на малите земји, можеме само да ги молиме најголемите сили да не нѐ заборават.

За демохристијанскиот весник, Стево Пендаровски ги открива и содржините на разговорот со Емануел Макрон, кој му кажал дека прво сака ЕУ да се реформира пред да ги прими новите членки.

Запрашан директно дали Емануел Макрон се јасно обврзал да каже „Да“ за почеток на преговорите, Пендаровски одговара:

- Не, но сакаме да веруваме дека тој ќе рече да. Тој прифати многу од моите аргументи и призна дека Северна Македонија ги исполнува сите критериуми за започнување преговори, за разлика од Албанија, за која вели дека има сомневања. И тој сака да дојде и да се објасни пред Македонците, за време на посетата планирана во првите месеци од 2020 година.

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ