Одложено судењето за убиството на Пино Секондо
По барање на одбраната на обвинетата Ангела Ѓорѓиева, се одложи почетокот на судењето за убиството на Пинета (Пино) Секондо. Адвокатот Еленко Миланов рече дека поканата за судењето ја добил пред чретири дена и немал време да ја спреми одбраната...
„Во судот дојдов со голема верба, но се предавам, никој не може да ми го врати детето назад“, изјави мајката на убиеното момче Пинета Секондо. Таа револтирано ја напушти салата во Скопска едница, откако беше одложен стартот на судскиот процес, бидејќи одбраната на обвинетата Ангела Ѓорѓиева немала доволно време да се подготви.
Адвокатот на Ѓорѓиева, Еленко Миланов во судот објасни дека поканата ја примил пред четири дена, а законот предвидува осум дена. Тој побара да ѝ ги достави списите од предметот на обвинетата в затвор. На ова реагираше обвинителката која го застапува предметот, Лидија Раичевиќ. Таа смета дека секое одложување е на штета на обвинетата.
Пино беше пријавен за исчезнат во декември минатата година. Случајот го пријави неговата мајка. Потрагата по него траеше пет месеци, се до крајот на април кога неговото тело беше пронајдено во атарот на Љуботен.
Полицијата поднесе кривични пријави против обвинетата Ангела Ѓорѓиева и против Али Фуркан, кој е во бегство и се бара со меѓународна потерница.
Ана Јосифоска- Тодоровска
