Хонгконг: Демонстрантите на власта ѝ дадоа ултиматум од 24 часа
Во последните денови во Хонгконг е забележана ескалација на насилствата. Уличните пресметки меѓу полицијата и демонстрантите добија интензитет. Еден повозрасен маж починал откако бил погоден во глава со тврд предмет за време на судирите.

Демонстрантите во Хонгконг со ултиматум до владата. И дадоа рок од 24 часа да организира локални избори, кои би се одржале на 24 ноември. Тие ги зазедоа водечките универзитетски кампуси во кинескиот специјален административен регион и поставија барикади.
„Со оглед на непријатноста што им ја предизвикавме на постарите и на другите млади луѓе, решивме да преземеме иницијатива да покажеме добра волја. Повторно ги отвориме јужните и северните делови од автопатот Толо. Нашата цел е владата.“
Во последните денови во Хонгконг е забележана ескалација на насилствата. Уличните пресметки меѓу полицијата и демонстрантите добија интензитет. Еден повозрасен маж починал откако бил погоден во глава со тврд предмет за време на судирите.
„Загрижен сум за луѓето. Се напаѓаат невини цивили, демонстранти и полицајци. Тоа е голема грижа.“
„Верувам дека независноста е единствениот начин ако навистина сакаме демократија. Мислам дека диктаторската влада на Кина не може мирно да коегзистира со демократијата, која се надеваме дека наскоро ќе ја има Хонконг.“
Антивладините протести во Хонгконг траат повеќе од пет месеци. Кина ја обвини Велика Британија дека „долева масло на огнот “. Ваквата реакција следува по нападот од продемократските демонстранти врз хонгконшката министерка за правда во Лондон. Шефицата на владата во Хонгконг, Кери Лам, го осуди инцидентот, наведувајќи дека таквиот дивјачки чин ги надминува границите на секое цивилизирано општество.
Во меѓувреме, двајца американски сенатори покренаа процес за да се донесе закон, со кој САД ќе го стават статусот на Хонгконг под посебен надзор, во знак на поддршка на продемократските демонстрации.
Марина Ристова
