Во Штип и Кочани најголем број пријави за кршење на работничките права
Од почетокот на 2017 до средината на 2019 година до Државниот инспекторат за труд во Штип биле поднесени 653, а во Кочани 278 претставки, за кои биле донесени 316, односно 479 решенија и само шест прекршочни пријави...
Најголем број пријави за кршење на работничките права во источниот регион за изминатите две и пол години биле регистрирани во Штип и Кочани, а најмалку во Виница и Берово, е констатирано со заедничкото истражување на невладините здруженија „Ини“ од Виница и „Надеж“ од Македонска Каменица.
Истражувањето се спроведуваше во изминатите пет месеци во десет општини од регионот, во рамки на проектот „Граѓаните се вистинскиот инспектор“. Според добиените податоци, за периодот од почетокот на 2017 до средината на 2019 година до Државниот инспекторат за труд во Штип биле поднесени 653, а во Кочани 278 претставки, за кои биле донесени 316, односно 479 решенија и само шест прекршочни пријави.
Податоците од Хелсиншкиот комитет за утврдени прекршувања и дадена бесплатна правна помош покажуваат драстично повисоки бројки, односно во Штип имало 4.158 пријави, во Пробиштип 1.618, а во Кочани претставки поднеле 1.460 работници.
