Антикорупциската комисија отвори предмет против Анѓушев
Антикорупционерите со иницијатива до премиерот Заев. Бараат да отвори постапка за утврдување одговорност на вицепремиерот Анѓушев за судир на интереси. Од комисијата објаснуваат дека тој присуствувал на владина седница и давал предлози на расправата за укинување на акцизите за литиумски батерии, во услови кога само неговата фирма се занимавала со ваква дејност. Вицепремиерот одговара – работам согласно уставот и законите...
Антикорупциската комисија со иницијатива до премиерот Заев за отворање постапка за утврдување одговорност за вицепремиерот Анѓушев поради судир на интереси. Антикорупционерите утврдиле дека при носење на владината одлука за укинување на акцизата за увоз на литиум јонски батерии на седницата присуствувал и Анѓушев. Иако, првично се изземал од постапката, тој учествувал во расправата со свои предлози. Некои од членовите на комисијата, кои гласаа против, посочија дека не се сосема убедени дека постои прикривање и злоупотреба.
Анѓушев реагира- работам согласно Уставот и законите, се водам од интересите на државата и на граѓаните. Тој тврди дека доставил изјава со која се иззема од постапувањето и одлучувањето за предметот, па оттука, вели не ги разбира причините зошто Комисијата донела ваква одлука. Најави дека ќе ги преземе сите дејствија за да се утврди вистината.
Во меѓувреме, Анткорупциска го затвори предметот „Тополки“ што се однесуваше на изградбата на хидроцентрала во националниот парк „Маврово“, но било утврдено дека Анѓушев се изземал од учество на сите седници на Владата на која се расправало за концесиите.
За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, антикорупционерите утврдија, не постои судир на интереси при доделувањето концесии за изградба на мали хидроцентрали, бидејќи во тој период тој се уште не бил дел од кабинетот на поранешниот премиер и немал можност да влијае на одлуката.
Во однос на средствата кои се инвестирани, е утврдено дека Мицковски подигнал дологорочен кредит.
Марина Стојанова- Тонева
