Умерен оптимизам пред мајскиот самит
За земјава нема дополнителни услови за почеток на преговорите со Европската унија, но претседателот Пендаровски вели дека е умерен оптимист, дали на мајскиот самит во Загреб ќе има датум. Од францускиот колега Макрон не добил гаранција дека одлуката ќе биде позитивна, но дотогаш треба да биде готова новата методологија. Сега сме во време на чекање, оцени шефот на државата...
Јас сум умерен оптимист, а од претседателот Макрон нема стопроцентна гаранција дека до мајскиот самит на ЕУ во ЗАгреб ќе има одлука за датум за Македонија, вели шефот на државата Пендаровски. Гаранција има дека методологијата ќе се донесе најдоцна до март. Во унијата со 28 земји-членки секогаш е можно некоја да испорача свои барања, но како што вели Пендаровски, сега за Македонија нема нови барања.
Дали има можност да се одвојат Македонија и Албанија од пакетот, Пендаровски рече дека Макрон неколку пати го прашал за таквата опција, но нагласи дека не е негово да решава, но мисли дека ако едната земја испорачала, а другата недоволно, можеби би постоела таква можност да се одвојат и тогаш не би требало да се казни земјата која што испорачала се. Процесот е заснован на исполнување на критериуми, но секако тоа не би била наша одлука, туку одлука на ЕУ, рече претседателот.
Шефот на државата очекува до самораспуштањето на Собранието, Шпанија да го ратификува пристапниот протокол за НАТО и не смета дека е голем политички проблем ако не се случи тоа до 11 февруари. Важно е додава Пендаровски дека до тој момент ратификацијата ја завршиле 29 земји- членки, а другото е само техничко прашање.
Милчо Велески
