Доцни есенската сеидба
Иако нема доволно влага во почвата и оптималните рокови за сеидба на пченицата се поминати, агрономите сепак препорачуваат нивите да се насеат.

Услов е да се употребуваат поголеми количества на семенски материјал за успешно поникнување и презимување на посевите.
Променливото и врнежливо време во текот на изминатата седмица донесе нови количества на дожд особено во југо-западните делови од земјава каде што наврнаа од 35 до 75 литри на квадратен метар.
Со тоа се создадоа минимални услови за почеток на предсеидбените активности за есенската сеидба која е во сериозен застој. Врнежите со исклучок на гевгелискиот регион не го решија целосно проблемот со влагата во почвата, но сепак се добредојдени барем за површинскиот слој каде што е најкритично.
Оптималните рокови за сеидба на пченицата изминаа, но дневните температури на воздухот кои се надпросечни за овој период од годината даваат надеж дека може успешно да се изврши поникнувањето и презимувањето на растенијата.
Препораката е да се користи зголемено количество семе, за намалување од штетите од евентуално губење на дел од посевите или непоникнувањето.
И оваа седмица, се очекува променливото време уште повеќе да ја подобри состојбата, со нови врнежи кои би ги зголемиле резервите на вода во почвата.
