Растот солиден, да продолжат реформите
Меѓународниот монетарен фонд го претстави извештајот за земјава. Се бара да се остане на реформскиот пат, со очекување за раст на економијата од 3,4 проценти и предупредување дека минималната плата нема значително да ја намали сиромашатијата. Министертката Ангеловска тврди – им помагаме на компаниите да го издржат минималецот.

„Економијата остварува солиден раст, да се остане на патот на реформите“ - тимот на Меѓународниот монетарен фонд ги претстави заклучоците од спроведениот редовен годишен преглед на земјава. За в година се очекува раст од 3,4 проценти, поттикнат од Буџетот и повисоките плати.
„Пониските даноци и повисоките пензии и плати, вклучително и во јавниот сектор и минималните плати, се очекува да бидат дополнителен, иако еднократен, стимул за потрошувачката. Растот на извозот и инвестициите ќе остане солиден, иако ќе забави, што е одраз на слабиот раст кај трговските партнери. Ова забавување би можело да стане поизразено доколку се влошат трговските тензии на глобално ниво или доколку се одложат инвестициските планови поради неизвесноста во текот на изборниот период“, се вели во Извештајот.
Монетарците забележуваат дека зголемувањето на минималната плата нема значајно да ја намали сиромаштијата, бидејќи таа е кај невработените, но затоа тоа може да се одрази кај формалното вработување. Министерката за финансии вели – коморите го поддржаа решението.
„Минималната плата беше добро прифатена затоа што е врзана за придонесите за оние работодавачи кои ќе ги зголемат платите. Ова значи дека на приватниот сектор му се помага да ја издржи минималната плата, односно за зголемувањето од 2 илјади денари нема да треба да ги платат придонесите, државата ќе ги плати во нивно име на име на работникот“, изјави Нина Ангеловска, министерка за финансии
Невработеноста се намалува поради креирањето нови работни места, но ММФ смета дека е потребно тесно усогласување на минималната плата со продуктивноста.
„Потребно е да се продолжи со реформите за подобрување на јавната администрација, владеењето на правото и контролирање на корупцијата. Повисоките приходи, подобрите можности за вработување и посилните институции истовремено ќе помогнат да се задржат квалификуваните работници во земјата“, велат од ММФ.
Тимот на Фондот предупредува дека напуштањето на прогресивниот данок и зголемувањето на платите во администрацијата и на пензиите би можеле да ги поткопаат неодамнешните придобивки во делот на фискалните политики, односно поради одложувањето на прогресивниот данок и на данокот на капитални добивки да забави растот на приходите.
„Да го забави растот не значи дека ќе нема раст, бидејќи ние проектираме дека ќе продолжи растот на страна на прибирање приходи од персонален данок“,изјави Нина Ангеловска, министерка за финансии
За монетарната политика е наведено оти е соодветна, банкарскиот систем е здрав, а во делот на капиталните инвестиции се бара добро да се дефинираат приоритетите и да се отстранат тесните грла при реализацијата на проектите, што годинава се покажа како проблем.
Новинар: Мартин Пушевски
