Концерт на студенти на Факултетот за музичка уметност
Вечерва во концертната сала на факултетот за музичка уметност-Скопје, а во рамките на јубилејното 20-то издание на манифестацијата „Есенски музички свечености“ свое претставување ќе имаат студентите Анел Селим-кларинет, Стефан Неделковски-саксофон и Мимоза Кеќа- пијано.
На програмата се дела од Пуланк, Стравински, Крестон, Франсе и Бужаровски.

Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е првата високообразовна и научна установа од областа на музичката уметност и балетската педагогија во Република Македонија. Основан во 1966 година како Висока музичка школа, во текот на сите години од своето постоење Факултетот ја врши својата мисија за подготовката на уметничките, педагошките, научните кадри за сите области на музичката и балетската култура и образование.
За изминатиов период на ФМУ дипломирале, магистрирале и докторирале над 3000 студенти. Меѓу нив се видни композитори, научници, интерпретатори, педагози, новинари и балетски уметници кои ја сочинуваат основата на изведувачкиот корпус на националните музички ансамбли, музичките редакции во Македонската Радио Телевизија, наставниците во музичките училишта во земјата и надвор од неа. Со делувањето на своите ансамбли (студентскиот симфониски оркесатар, хорот „Драган Шуплевски“, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, оркестарот на народни инструменти), организирањето на концертните циклуси „Музика вива“ и „Од страниците на творештвото на композиторите“, како и со други активности сврзани со истражување и зачувување на културното наследство Факултетот стана важен чинител на музичкиот живот во Македонија. Студентите на ФМУ се редовни учесници на концертните програми на фестивалот „Есенски музички свечености“.
Т.Г.
