Мертесакер и Росицки остануваат „топчии“!
Кога веќе ретко се засилува со нови квалитетни фудбалери, Арсенал ја остварува идејата да ги задржи актуелните играчи. Пер Мертесакер и Томаш Росицки ги обновија договорите, Германецот до 2017-та, Чехот до 2016-та година.
29 – годишниот Мертесакер кој на некои натпревари сезонава беше и капитен на Арсенал, на „Емирати“ дојде од Вердер во 2011-та и веќе одигра 110 натпревари и постигна 5 гола.
Спротивно од принципот на Венгер кој со повозрасните фудбалери ги продолжува договорите на само една година, Росицки доби можност во Лондон да остане уште најмалку две сезони иако се поечсто се мачи со повредите. 33 - годишниот чешки плејмејкер дресот на „топчиите“ го носи од 2006-та кога направи трансфер од Борусија Дортмунд и веќе собра 209 мечеви со 24 погодоци.
Арсенал кој веќе осум сезони е без трофеј, долго беше лидер во Премиер лигата, но со серијата лоши резултати падна на третата позиција со ист број бодови како Ливерпул, но и четири негатива во однос на првопласираниот Челзи. На четвртото место е Манчестер Сити којшто има два бода, но и исто толку меча помалку од екипата од северен Лондон.
„Топчиите“ се во четвртфиналето ан ФА купот и в сабота дома ќе играат против Евертон, додека во Лигата на шампионите на реваншот од осминафиналето ќе патуваат во Минхен по домашниот пораз од 2:0 во пресметката со актуелниот првак, Баерн.
