НАЈГОЛЕМИ ХИТОВИ

Најголемите хитови од 70-тите, 80-тите и 90-тите години

18.11.2019 14:00

Ретро забава за сите генерации со најголемите хитови од 70-тите, 80-тите и 90-тите години, закажана за 23-ти ноември, во Малата сала на Арената А1

Ноќниот живот во главниот град има долга традиција. Поминати се цели 50 години од отворањето на првото диско во градот кое почнало  да работи  во далечната 1969 година. Се потсетивме на некогашните надалеку прочуени скопски ноќни забави, а  ги дознавме деталите и  за најновата ретро журка посветена на сите кои знаат да го сочуваат младешкиот дух. За сето ова поразговаравме со еден од организаторите и основоположниците на ноќниот живот кај нас- Милорад Цајиќ-Цајо.

“Во минатото  ноќниот живот во Скопје имаше нешто што сега младите го немаат, а тоа е дружењето, насмевката, љубовта меѓу луѓето. Секогаш постоеше флуид и меѓусебно разбирање, немавме мобилни, а секогаш постоеjа теми на разговор во кафулињата и дискотеките. Скопје и тогаш, како и сега наликуваше на модна писта.Но, за разлика од сега, во минатото се почитуваше личноста на секој од нас, секој на свој начин беше актуелен и интересен. Оваа ретро забава ќе се заснова нa најпознатите песни од 70-тите, 80-тите и 90-тите години што изобилуваа со многу хитови и оставија трајна вредност како евергрини во музиката. Оваа ретро забава е наменета за сите оние кои во срцето се чувствуваат млади и полетни”- потсетува организаторот Цајо и порачува- “ Да ги заборавиме нашите години ,да се препуштиме на музиката и забавата, да се радуваме на средбата со лицата од нашата младост”.

Ретро забавата насловена - “ Ние сме големо семејство” е закажана за 23-ти ноември, во Малата сала на  Арената А1

 

Јасмина Никова