Палестинците со осуда за ставот на САД за израелските населби
Кабинетот на Нетанјаху ја поздрави одлуката која, според нив, се поправала историска грешка.
Палестинците ја осудија изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео дека САД го омекнуваат ставот за изградба на израелските населби во окупираниот Западен Брег.
„Со овие тврдења тие го заменија меѓународниот закон со законот на џунглата. Ги отвораат вратите за екстремизмот, тероризмот, насилството, корупцијата, крвопролевањето. Ги тераат луѓето да почнат да веруваат дека проблемите се решаваат само со насилство, а не со мировни средства“, изјави Саеб Ерекат, палестински преговарач.
Кабинетот на Нетанјаху ја поздрави одлуката која, според нив, се поправала историска грешка.
„Ова е историски ден и уште еден успех на нашата политика. Откако претседателот Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел, но и нашиот суверенитет врз Голанската висорамнина, американската администрација сега и стави крај и на лагата дека населбите се нелегални“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Официјален Брисел смета дека израелското населување на окупираната палестинска територија е нелегално во рамките на меѓународното право. Спорот околу овие заедници формирани по војната од 1967 година, трае со децении. Околу 600 илјади Евреи живеат во 140 населби. Палестинците бараат нивно отстранување бидејќи се пречка во остварувањето на планот за независна палестинска држава.
