Нови рочишта за Монструм, Маџар Телеком и Т.Н.Т.
Судењето за петкратното убиство кај Смилковското езеро „Монструм“ на Јавното обвинителство се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат дополнително предложени докази од обвинителството...

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржат нови рочишта за случаите „Монструм“, „Маџар Телеком“ и „Т.Н.Т.“.
Судењето за петкратното убиство кај Смилковското езеро „Монструм“ на Јавното обвинителство се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат дополнително предложени докази од обвинителството. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
Случајот против поранешните генерален и финансиски директор на Македонски телеком, Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми, „Маџар телеком“ се наоѓа во доказна постапка и се сослушуваат сведоци предложени од одбраната. Судењето почна во 2011 година, а потоа случајот го презеде Специјалното јавно обвинителство. Сега предметот повторно е вратен на ОЈО.
Во предметот „Т.Н.Т.“ за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски, меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски. Според обвинението, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
