Compendium musicum- пиеси за пијано- романтизам и импресионизам
Капиталното издание во македонската музичка култура ќе биде претставено во нашата јавност преку три промотивни концерти во Скопје, Кавадарци и Гевгелија

На 20 ноември, во Музејот на македонската револуционерна борба, ќе бидат промовирани вториот и третиот том од едицијата „COMPENDIUM MUSICUM – ПИЕСИ ЗА ПИЈАНО“, во издание на Музичкиот издавачки центар МИЦ – Скопје. Изборот и редакцијата на делата од светските великани на романтизмот и импресионизмот, застапени во овие два тома ги направи м-р Снежана Анастасова Чадиковска, во соработка со м-р Стојанчо Баковски. Комплетната подготовка на целата едиција е на стручниот тим на МИЦ (Марко Коловски – уредник, Јана Бојовиќ – нотограф, Методија Ачевски – дизјан). Благодарение и на приредувачите и на реализаторите македонската музичка култура добива едно исклучително издание: направено според највисоки светски стандарди за ваков вид литература и внимателно минато низ „филтерот“ на долгогодишното и плодно педагошко искуство на проф. Чадиковска.
На промотивните концерти, освен промоторите, проф. м-р Евушка Трпкова Елезовиќ и м-р Марија Ѓошевска, со свои изведби ќе се претстават и низа млади и талентирани ученици од класите на повеќе професори од нашите музички училишта и факултети, исполнувајќи токму дела застапени во овие два антологиски тома. Концертите во Кавадрци и Гевгелија ќе се одржат на 22 и на 25 ноември.
Т.Г.
