Енергетика

Подготовки за гасно поврзување со Грција

19.11.2019 12:27

На почетокот на идната година ќе се распише тендер за гасоводна конекција со Грција. Ова на земјава ќе и овозможи поголем избор, но и пониски цени, а ќе се отвори и простор за термоелектраните да преминат од јаглен на гас. Енергетската заедница даде позитивна оценка за спроведените реформи...

Земјава ги прави последните подготовки за изградба на гасоводна врска со Грција, со што ќе добиеме пристап до терминалите на брегот на Егејско море и повеќе нема да зависиме само од конекцијата со Бугарија. Физибилити студијата е готова, трасата е одредена и се работи на основниот проект. Финансиите ќе ги обезбеди Европската инвестициска банка. Вицепремиерот Анѓушев на Конференцијата во Вашингтон посветена на енергетиката, од грчка страна добил потврда дека имаат интерес за развивање на проектот.

„Очекуваме дека на почетокот на идната година ќе може да се распише тендерската постапка од наша страна, но тоа ништо не значи ако ние до границата дојдеме само со цевководот. Затоа е важно и од грчка страна да се прати истата динамика. Практично, сите поголеми градови во нашата држава ќе бидат снабдени со гас, но тоа ништо не значи ако немаме повеќе извори и конкурентна цена“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Ова значи дека термоелектраните во земјава полека ќе треба да преминуваат од јаглен на гас, со што ќе се намали и аерозагадувањето. Паралелно, се форсира производство од обновливи извори. Компаниите на последната аукција покажаа голем интерес за изградба фотоволтаици на државно земјиште.

Tендерот беше одлично конципиран, условите за инвеститорите беа одлично поставени, па влеговме во обратна насока. Државата не само што нема да даде премиуми, туку компаниите за да изградат 19 мегавати фотоволтаици ќе платат 2,5 милиони евра“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Енергетската заедница даде позитивна оценка за спроведените реформи. Електро-енергетската мрежa се подобрува. Во моментов со соседите сме поврзани со 8 далекуводи, ќе се гради уште еден кон Албанија.                      

Мартин Пушевски