Западен брег

Палестинците со осуда за ставот на САД за израелските населби

19.11.2019 12:49

САД повторно ја менуваат политиката за Блиски Исток во корист на Израел. По 4 децении, администрацијата на Трамп зазеде потолерантен став кон изградбата на израелските населби кои веќе не ги смета за нелегални. ЕУ и палестинските власти и натаму тврдат дека градежните активности се спротивни на меѓународното право...

Палестинците ја осудија изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео дека САД го омекнуваат ставот за изградба на израелските населби на Западен Брег.

Со овие тврдења тие го заменија меѓународниот закон со законот на џунглата. Ја отвораат вратата за екстремизмот, тероризмот, насилството, корупцијата, крвопролевањето. Ги тераат луѓето да веруваат дека проблемите се решаваат само со насилство, а не со мировни средства“, изјави Саеб Ерекат, палестински преговарач.

Кабинетот на Нетанјаху ја поздрави одлуката која, според нив, поправала историска грешка.

Ова е историски ден и уште еден успех на нашата политика. Откако претседателот Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел, но и нашиот суверенитет врз Голанската висорамнина, американската администрација сега и стави крај и на лагата дека населбите се нелегални“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Официјален Брисел со непроменет став - сите градежни активности се нелегални и ги поткопуваат шансите за дводржавно решение.  Ова гледиште, помалку или повеќе, го делеа и администрациите во Вашингтон уште од 1978 година. Но постепено почнаа да го употребуваа терминот „нелегитимни“ наместо „илегални“. Белата куќа сега најавува потолерантен став тврдејќи дека со т.н. „Ханселов меморандум“, делумно заснован врз Жeневската конвенција за забрана на населување цивили во окупираната територија, не се постигнати никакви резултати.

Суровата вистина е дека никогаш нема да има судско решение за конфликтот, а аргументите за тоа кој е во право, а кој греши во однос на меѓународното право, нема да донесат мир. Ова е сложен политички проблем кој се решава само со преговори меѓу Израелците и Палестинците“, изјави Мајк Помпео, државен секретар на САД.

Спорот за овие заедници формирани по војната на Блискиот исток во 1967 година, трае со децении. Денес постојат 140 населби со околу 600 илјади Евреи. Палестинците бараат нивно отстранување бидејќи го сметаат за пречка во остварувањето на планот за независна палестинска држава.

 

Маја Филдишев