Надреализмот и фантастиката од колекцијата на Националната галерија
Изложбата го заокружува циклусот проекти преку Националната галерија на Македонија ги претстави делата од сопствената колекција низ разни концептуални пристапи.

Утревечер во 20 часот во Мала станица, ќе биде отворена групна тематска изложба со наслов „Надреализам и фантастика (рефлексии) - избор од колекцијата на Националната галерија“.
Изложбата го заокружува циклусот проекти преку Националната галерија на Македонија ги претстави делата од сопствената колекција низ разни концептуални пристапи.
Целта на проектот е да се истражи и претстави развојот и влијанијата на овие правци во современата македонска ликовна уметност преку избор на репрезентативни дела на македонските ликовни уметници кои се наоѓаат во колекцијата. Потребата да се претстават делата и авторите кои припаѓаат на овој правец или во кои се воочливи влијанија од истиот се должи на фактот дека само мал дел од нив се претставени во Постојаната поставка на Националната галерија на Македонија, изложена во Даут-пашиниот амам.
Воедно, овој проект се надоврзува на претходните со различни теми кои произлегуваат од богатиот фундус на дела во сопственост на Галеријата, се наоѓаат во депоата и се ретко изложувани. Со ваквото претставување пошироката јавност и публика посеопфатно ќе се запознаат со овој период од развојот на современата македонска уметност, односно проектот има и едукативен карактер.
Изложбата „Надреализам и фантастика (рефлексии) од колекцијата на Националната галерија“ се осврнува на влијанијата кои надреализмот и фантастиката го извршиле врз развојот на современата македонска уметност во минатото, како и рефлексиите кои можат да се согледаат се до денешните остварувања.
