Загадувањето причина за хронична белодробна болест
Само годинава, поради хронично опструктивна болест во Клиниката за пулмологија побарале помош речиси 4.000 пациенти. Отежнато дишење, болки во градите, слабост на организмот се најчестите симптоми. Покрај загадувањето, како причина се наведува и пушењето...
Аерозагадувањето ги полни клиниките, сѐ поголем број пациенти со проблеми со дишењето бараат лекарска помош. Статистиката на Клиниката за пулмологија покажува загрижувачки раст на оваа хронична опструктивна болест. Само годинава, поради ова заболување во Клиниката побарале помош речиси 4.000 пациенти. Покрај загадувањето, главна причина е и пушењето.
„Кај таквите пациенти се препорачува носење маски доколку треба да излезат во услови кога аерозагадувањето е во поголеми концентрации. Редовно да ја земаат терапијата која хроничните пациенти секојдневно ја консумираат. Исто така да земаат поголема концентрација на антиоксиданси како витамин Ц“, изјави д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија.
Отежнато дишење, болки во градите, слабост на организмот се најчестите симптоми. Бројот на згрижени пациенти белодробното заболување се намалува, поради можноста кислородна терапија да земаат во домашни услови.
„Сите оние пациенти кои досега немаа кислородна поддршка во домашни услови, доаѓаа и лежеа во болница и примаа терапија. Беа изложени на инфекциите бидејќи тие остануваат подолго време на клиника и држат место за друг болен“, изјави д-р Бисерка Ќаева, Клиника за пулмологија.
Во земјава се проценува дека околу 147 илјади граѓани боледуваат од оваа болест. Според последните истражувања, со фатална завршница за три милиони луѓе годишно во светот.
Андријана Атанасовска
