Економија

Изборите не влијаат на одлуките на инвеститорите

19.11.2019 17:34

Изборите не влијаат на инвеститорите при носење одлуки за вложување, особено сега пред влезот на земјава во две големи семејства- НАТО и ЕУ, вели првиот човек на Советот на странски инвеститори Штефан Петер. Има голем потенцијал за раст на македонско- австриската економска соработка, смета амбасадорот Георг Вуцас, најавувајќи натамошна поддшка на нашите евроинтегративни процеси...

Предвремените парламентарни избори нема да влијаат на одлуките на странските инвеститори затоа што тие плановите не ги прават месечно, односно се однесуваат на период за неколку години или пак деценија, изјави претседателот на Советот на странски инвеститори во земјава Штефан Петер, на прес- конференцијата со австрискиот амбасадор Георг Вуцас за македонско- австриските економски релации.

„Глобалната криза и достапниот извор на пари е она што го балансираат инвеститорите кога носат одлуки. Последниот сегмент е куповната моќ во земјата. Тоа може да зависи од политичката ситуација, но не е нужно. Потрошувачката на струја зависи повеќе од климатските услови, отколку од предвремените избори. Не очекувам дека предвремените избори ќе влијаат негативно за инвеститорите да ги сменат своите одлуки, посебно кога има позитивни изгледи да се приклучиме на две поголеми семејства. Сметам дека перспективата е многу позитивна, иако процедурата е малку одложена, за неколку месеци“, изјави Штефан Петер-претседател на Совет на странски инвеститори.

Австрија е во моментов најголем инвеститор во земјава, изјави амбасадорот Вуцас, нагласувајќи дека трговската размена е зад можностите на двете економии. Фокусот треба да биде насочен кон тоа како да се мотивираат австријците да купуваат повеќе македонски производи, вели Вуцас.

Ние сме ваши големи поддржувачи. Исто како вас сме разочарани од недобивањето датум за почеток на преговорите, но работиме на тоа и се надеваме на одлука“, изјави Георг Вуцас- амбасадор на Австрија во Република Северна Македонија.

Говорејќи за дуалното образование Вуцас со појаснување дека македонските закони засега дозволуваат учениците само да учат или пак само да работат и тоа е проблем при реализација на проектот. Одговарајќи на новинарско прашање за барањата на инвеститорите при средбата со премиерот Заев, Петер изјави дека не добиле конкретен одговор за намалување на давачките при увоз на определени производи, но им било ветено дека барањето ќе се разгледа со појаснување дека треба да се види дали минусот во буџетот ќе биде покриен со евентуално зголемување на производството и во тој случај системот ќе се прилагоди.

Свето Николовски