Тендер за Чебрен до крајот на годинава
До крајот на годинава, нов тендер за изградба на хидроелектраната Чебрен. Условите се променети, надлежните очекуваат конечно, со јавно-приватно партнерство да се реализира проектот што со години се ветува. Неговата вредност се проценува меѓу 600 и 800 милиони евра.
До крајот на годинава ќе се распише тендер за хидроелектраната Чебрен. И покрај многуте неуспешни обиди, Владата не се откажува од намерата за изградба на овој енергетски капацитет, кој сега е раздвоен од Галиште. Вицепремиерот Анѓушев по средбата со потпретседателката на Меѓународната финансиска корпорација, Џорџина Бејкер во Вашингтон, рече дека тендерските услови се променети што отвора простор за успешен проект.
„ИФЦ долги години има сознанија за овој проект и мислам дека со насоките по кои заеднички работевме во изминатите шест месеци, конечно ќе имаме успех по 9 неуспешни тендери за Чебрен. Изгледите за тоа се многу големи. Оптимисти сме и ние како Влада и Меѓународната финансиска корпорација“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Премиерот Заев во гостувањето на Националниот сервис рече дека изградбата на енергетскиот капацитет од 450 мегавати е предвидено да се реализира како јавно-приватно партнерство и откри дека ќе се зголеми периодот на концесија. Вредноста на проектот се проценува меѓу 600 и 800 милиони евра.
„Внатре, како дел од заедничката сопственичка структура на државата и приватниот партнер ја вградуваме и хидроцентралата Тиквеш, што носи нето-добивка од 11 милиони евра секоја година. Целиот овој концепт веруваме дека е примамлив. Очекуваме џиновска европска компанија да го добие проектот кој е отворен за сите“, изјави премиерот Зоран Заев.
Според проценките, првите количества струја од Чебрен би требало да протечат за пет до шест години.
Мартин Пушевски
