Апелација: Искажаните сомневања на Рускоска се паушални, неосновани и грубо мешање во работата на судот
Итен колегиум во Апелацискиот суд, по вчерашната изјава на обвинителката Вилма Рускоска, во која ја критикуваше мерката на Апелација за куќен притвор за поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Најави финансиска истрага за судиите што ја донеле одлуката...

Искажаните сомневања на Рускоска се паушални, неосновани и грубо мешање во работата на судот, оценил колегиумот на Апелацискиот суд во Скопје кој расправал по најавите на јавната обвинителка Вилма Рускоска дека ќе покрене финансиска истрага против судиите кои вчера донесоа одлука со која ја пуштија во куќен притвор поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, обвинета во случајот „Рекет“.
„Ве известуваме дека вчера во вечерните часови, од страна на Јавниот обвинител за организиран криминал и корупција Скопје, Вилма Рускоска, е испратена СМС порака до еден од членовите на Кривичниот совет на Апелацскиот суд Скопје кој учествувал во жалбена постапка по повод изјавените жалби на обвинетата Катица Јанева, лично и преку нејзиниот бранител против првостепеното решение за продолжување на мерката притвор со следната содржина:
„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите.“
Апелациониот суд Скопје, во врска со изнесената содржина на СМС пораката, недвосмислено изразува став дека тоа претставува директна закана и грубо мешање во работата на судот каде јавното обвинителство е само странка во постапката.
Од Апелација велат ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем со кое директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки, што во секој случај претставува кршење на уставот, законите и етичкиот кодекс на јавните обвинители.
