Домашниот притвор за Јанева предизвика судско- обвинителски судир
Жестока преписка меѓу Рускоска и Апелација. Причина - куќниот притвор на Катица Јанева. Обвинителката негодувала за ваквата одлука на Кривичниот совет и се заканила со финансиска истрага. Судот со одговор- ова е преседан и грубо мешање во системот. Се јави и обвинтелството, со оправдување- реакцијата на обвинителката е израз на моментално разочарување...
Судско- обвинителски судир. Апелација на нозе за СМС пораката на обвинителката Вилма Рускоска до еден од членовите на Кривичниот совет по одлуката Катица Јанева да оди во куќен притвор.
„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите.“
По итниот колегиум во Апелација, судот преку соопштение констатира дека СМС пораката, претставува преседан во правосудниот систем со која директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт. Недвосмислено претставува директна закана и грубо мешање во работата на судот каде Јавното обвинителство е само странка во постапката, велат од Апелација.
Ваквото недолично однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката, констатираат судиите од скопска Апелација.
Реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница- со соопштение се огласи и Јавното обвинителство. Од таму нагласуваат дека ги почитуваат судските одлуки и не се меша во работата на судската власт.
Обвинителката Рускоска остана недостапна за коментар по соопштението на Апелацискиот суд.
Миле Ристески
