Рекорден број претставки за кршење на правата на детето

20.11.2019 15:27

Институциите обоени во сино и пораки со желби за подобро утре. На Светскиот за правата на децата се приклучи и Македонија. Реалната слика ја соопшти народниот правобранител во една реченица: годинава се примени рекорден број претставки за кршење на правата, најчесто во образовниот процес...

Секое дете да има документ, извод на родени, односно да има идентитет, но и дом каде ќе живее во љубов, грижа и поддршка. Секое дете да може непречено да посетува градинка и училиште каде што ќе се стекне со знаење и вештини. На секое дете да му се обезбеди пристап до соодветна и квалитетна здравствена заштита и секое дете да биде почитувано и прифатено без оглед на различноста... Децата во Собранието побараа да им се овозможи да уживаат еднакви права со возрасните.

Омбудсманот годинава примил рекорден број поплаки за детските права. Просекот 150 до 160, годинава е надминат за над 200. Најголемиот дел се однесуваат на образованието.

Ниту едно дете во светот не смее да биде лишено од правото на живот, на семејство и  семејна топлина, правото на изразување на своите мисли и постапување- порака од претседателот на Собранието Талат Џафери.

Образованието, вклучувањето на младите во донесување на одлуките, намалување на младинската невработеност, животната среднина и екологија, меѓуврсничко насилство, инклузија, се дел од предизвиците за чие надминување младите од државата бараат итни мерки и реформи.

Не треба да бидат само декор туку активни чинители во општеството, порачаа на денешната владина средба на високо ниво. Голем број објекти од синоќа се осветлени во сина боја во чест на 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на децата од ООН, што се одбележува како Светски ден на децата.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска