Субвенции

Лозарите добиваат дополнителна субвенција

21.11.2019 10:09

Лозарите ќе добијат по 2 денари субвенција за предаденото винско грозје. На листата за финансиска поддршка покрај смедеревката и вранецот се додаваат и кратошија, станушина, црн бургундец, жилавка и кадарка...

Наместо еден денар како лани, земјоделците ќе добијат по 2 денари за секој килограм предадено винско грозје од сортите смедеревка, вранец, кратошија, станушина, црн бургундец, жилавка и кадарка.

Корисници на овие пари се земјоделските стопанства, а услов е да имаат површини под лозови насади и оствареното производство од реколта од 2019 година да е предадено во регистрирани капацитети за производство на вино.

Иако имало барање  субвенцијата да важи за сите сорти, сепак ќе се интервенира само кај грозјето со ниска откупна цена од 10 – 12 денари за килограм.

Меѓу две понудени опции за поддршката , по хектар или по килограм, поголемиот дел од лозарите се изјасниле дека субвенцијата посакуваат да ја добијат според предадениот род.

Платежната Агенција на почетокот на септември годинава исплати скоро еден милион евра на 6.000 лозари, за дополнителната субвенција од 1 денар за ланската реколта.

 

Методија Трајков