Народен театар- Гевгелија

Драмската група „Дон Кихот“се подготвува за претставување на фестивалот „Утринска ѕвезда“ во Банско , Бугарија

21.11.2019 12:33

Гевгеличани потврдуваат дека со досегашната динамика на културни поставки во театарот и надвор од него, за време на многубројните гостувања, градот доживеал културна и туристичка преродба.

Народниот театар – Гевгелија  е репрезентативен објект што се наоѓа во центарот на градот. Претставува Храм на уметноста  и културата со традиција стара повеќе од 60 години. Се наоѓа во модерна зграда, со современа сценска технологија и механика, вклучувајќи опрема за електро, климатски, звучни и светлосни перформанси, неопходни за сценските изведби, театарските и концертните гостувања што се  на репертоарот на театарот.

„Народниот театар – Гевгелија  има долга традиција и низ годините остава траен белег во културата и уметноста на нашата држава. Во историјата на театарот се впишани неколку важни театарски имиња кои потекнуваат токму од Гевгелија и од нејзината околина. Со подготвувањето и успешното реализирање на  многубројни театарски претстави, културни манифестации, поетско-музички вечери и промоции на книги, говориме за  важна институција, препознатлива и надвор од границите на нашата држава.  25 години наназад  успешно работи  и  Драмската група „Дон Кихот“ од Гевгелија .За нивниот  успех говорат многубројните награди и признанија, меѓу кои би ја издвоиле минатогодишната прва награда  на фестивалот „Утринска ѕвезда“, во Банско, Бугарија, за претставата „На здравје“.Деновиве се подготвуваме за повторно учество на овој реномиран фестивал  што работи и дејствува под заштита на УНЕСКО”, изјави директорката на Дом на култура-Гевгелија,г-ѓа Весна Ристова.

Гевгеличани потврдуваат дека со досегашната динамика на  културни поставки  во театарот и надвор од него, за време на многубројните гостувања,  градот  доживеал културна и туристичка преродба. Во тек е новата есенска сезона, а Народниот театар во Гевгелија останува барана дестинација за посетителите, за љубителите на културата и уметноста од  оваа општина.

 

Јасмина Никова