Осум земји на Еврозоната под лупа поради буџетот
Осум земји од Еврозоната презентирале национални буџети кои се на раб на непочитување на правилата на Еврозоната- предупреди Европската Комисија. Не почнува правна постапка, но им дава рок до пролет да ја ревидираат и презентираат својата верзија за буџетот...

Европската Комисија со предупредување до осум земји-членки на ЕУ кои ризикуваат да ги прекршат фискалните правила на блокот со непочитување на границите за долг и дефицит. Белгија, Франција, Шпанија, Италија, Финска, Словачка, Словенија и Португалија треба до пролет да ги поправат нацрт-буџетите и да презентираат ревидирани верзии до Комисијата. Поради стапката на задолженост, во најкритична состојба се Белгија, Шпанија, Франција и Италија. Во оваа четворка, долгот на Италија веќе подолго време надминува 100% од БДП.
„Меѓу буџетските планови кои се загрозени, најголема загриженост за нас се оние со превисоко ниво на долг и пребавна стапка на намалување. Ги повикуваме сите земји-членки кои не ги следат правилата да ги преземат потребните мерки во процесот за националниот буџет и да се осигураат дека буџетот во 2020 година ќе биде соодветен“, изјави Валдис Домбровскис, потпретседател на ЕК.
Комисијата ги охрабрува земјите со силен финансиски систем, особено Германија и Холандија, да го зголемат трошењето за да и помогнат на економијата во зоната.
„Со годинашните мислења, ја потврдивме нашата заложба за флексибилно, интелигентно применување на заедничките правила, предводени од свесноста за економската реалност во секоја држава и зоната како целина. Во таа насока, Комисијата ги повикува сите земји со висок долг да следат промислена фискална политика, а оние со фискален простор да инвестираат повеќе. Различниот пристап ќе ја зајакне Еврозоната“, изјави Пјер Московичи, ЕУ комесар за економски прашања.
Според Договорите на ЕУ, земјите се обврзани да го ограничат годишниот дефицит до 3% од БДП, а државниот долг не треба да надмине 60% од БДП. Долгот и дефицитот се основа за членството во Еврозоната, но државите често ја надминуваат границата.
Маја Филдишев
